Денеска се одржа првата седница на новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ посветена на повеќе политички, безбедносни и економски актуелни теми.
1.СДСМ остро се спротивставува на секој предлог за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години. Таквиот чекор претставува директен удар врз работниците, нивното достоинството и труд.
Станува збор за продолжување на погрешните политики за систематско потценување и експлоатација на трудот на граѓаните и работниците од страна на Владата предводена од ДПМНЕ.
Наместо да обезбедат покачување на платите и подобри услови за работниците, власта сака на мала врата да протне мерки кои ќе ги примораат работниците да работат подолго само за да се финансираат трошоците од нивните популистички потези.
Ваква мерка ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.
Политиките на СДСМ во изминатите години го стабилизираa Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и значително ја намали финансиската дупка, дефицитот од 43% се намали на 33%. Сега ДПМНЕ спроведува погрешни политики со кои ja загрозува одржливоста на Фондот, го зголемува дефицитот.
Нашиот приоритет е заштита на интересите на работниците и обезбедување услови за достоинствен живот. Наместо продолжување на работниот век, потребни се итни мерки за подобрување на животниот стандард и создавање перспективи за сите граѓани со праведна и одржлива пензиска политика.
2. За СДСМ загрижувачки се тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи.
Оценка на Извршниот одбор е дека неприфаќањето на лидерската средба од страна на власта испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата.
3. Во однос на поднесените интерпелации од политичката партија ДУИ, Извршниот одбор заклучи дека нема да ги поддржи и гласа за овие интерпелации. Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа.
Потребен беше поинаков пристап, да се седне на лидерска средба и да се упатат заеднички пораки за смирување на тензиите затоа што тој пристап е базиран на политичка зрелост, но власта тоа го одби.
4.Во однос на внатрепартиските активности СДСМ веќе направи оперативен план и новото раководство на СДСМ од утре започнува со интензивни теренски активности, во сите општински организации. СДСМ ќе го менува пристапот и го враќа гласот на членството при креирањето на политики. До крајот на годината ќе го заокружиме и изборот на претседатели на општинските организации со што целосно ќе заврши процесот на обединување.
TV21