Министерството за внатрешни работи досега има уапсено 18 лица поврзани со инцидентите на Денот на албанското знаме, од кои четворица се во притвор, додека за десетина се покренати прекршочни постапки поради „дивеењeто“ на улиците и сообраќајниот хаос којшто настана, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Министерот посочи дека МВР одлучно ќе одговори против сите коишто ќе се обидат да го погазат достоинството на граѓаните на Македонија, без оглед дали станува збор за сквернавење на државен симбол на Македонија или на која било соседна земја.
„Соодветно, навремено и одговорно интервениравме како Министерство за внатрешни работи. Го истражуваме сето она коешто е поврзано со овие настани, во насока на тоа дали истите и како истите се случиле, дали од аспект на мотивот, како од аспект на дејствијата коишто беа преземени. Одлучно еднакво кон сите одговоривме. Во текот на првиот ден, при самата прослава уапсивме осум луѓе. Од тие тројца завршија во притвор за палење на македонското знаме. Наредниот уапсивме уште тројца во Прилеп за палење на албанското знаме. Уапсивме едно лице во Куманово за корнење на државен симбол на Република Србија. Исто така приведовме едно лице во Кичево за корнење, буткање и на македонското и албанското знаме. И во текот на вчерашниот односно преквчерашниот ден уапсивме уште едно лице коешто беше фатено како го пали албанското знаме во Скопје и информиран сум дека од судија на претходна постапка му е изречена мерка притвор и нему“, рече Тошковски.
Skopjeİnfo