декември 21, 2024

Милатовиќ по состанокот со Ердоган: Исклучително ја цениме конструктивната улога што Туркије ја има на Балканот

„Верувам дека до 2028 година Црна Гора ќе стане 28 земја членка на ЕУ, и пред и по постигнувањето на оваа цел, Црна Гора и Туркије ќе продолжат да градат односи засновани врз заемна почит, доверба и заедништво“

Туркије е важен НАТО-сојузник и партнер на Црна Гора. Ние исклучително ја цениме конструктивната улога што Туркије ја игра на Балканот и придонесот што таа го дава за стабилноста и просперитетот на целиот наш регион, изјави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во Анкара, јавува Анадолу.

Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, го прими црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, кој е во официјална посета на Анкара. Во Претседателската палата во Анкара се одржа свечен прием со највисоки воени почести и интонирање на националните химни.

По средбата, на прес-конференцијата тој изрази задоволство што денес е во Анкара, наведувајќи дека тоа што двете земји годинава слават 145 години дипломатски односи носи посебна симболика, кои ги оцени како односи меѓу две пријателски земји.

Суштинската соработка во доменот на одбраната и воената индустрија дополнително ќе се зајакне со отворањето на канцеларијата на военото аташе на Туркије во Црна Гора.

Говорејќи за квалитетната економска соработка што има потенцијал за натамошен развој, Милатовиќ, меѓу другото, нагласи дека од година во година се зголемува бројот на туристи од Туркије што ја посетуваат Црна Гора.

„Туркије е еден од најважните стратегиски и економски партнери на Црна Гора“, рече Милатовиќ, додавајќи дека сака да охрабри поголеми инвестиции, особено на северот на Црна Гора, каде што рече дека постојат огромни потенцијали.

Како што истакна, со Ердоган разговарале за зајакнување на соработката во областа на здравството, сообраќајот и образованието, а изрази и надеж дека следната година ќе потпишат договор за стратегиско партнерство.

Тој истакна дека црногорската иселеничка заедница претставува важна алка меѓу двете земји.

„Верувам дека до 2028 година Црна Гора ќе стане 28 земја членка на Европската Унија“, рече Милатовиќ и додаде дека е уверен оти и пред и по постигнувањето на оваа цел, Црна Гора и Туркије ќе продолжат да градат односи засновани врз заемна почит, доверба и заедништво, придонесувајќи за стабилноста, мирот и развојот не само на двете земји туку и на целиот регион.

Тој го покани турскиот претседател Ердоган во официјална посета на Црна Гора.




AA

Read Previous

Владата веднаш да запре со спроведување на руската агенда за дестабилизација на земјата, велат од ДУИ

Read Next

„Зелен хуман град“ на 10 декември организира протестен марш за чист воздух