април 2, 2025

Експлозијата и оштетувањето на водотекот на северoот се терористички чин , сметаат властите на Косово

Претседателката на Косово Вјоса Османи на социјалните мрежи го окарактеризира инцидентот како терористички чин во кој е нападната виталната инфраструктура на државата.

Силна експлозија со големи последици на водотекот Ибар – Лепенци се случи во петокот вечерта во селото Вараге во Зубин Поток, на северот на Косово, известува Анадолу.

Косовската полиција потврди дека од експлозијата е оштетен водотекот Ибар – Лепенци.

Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани, потврди дека настанала експлозија на каналот за вода, информирајќи дека полициски екипи работат на што поскоро решавање на случајот.

– Властите ја опишаа експлозијата како терористички чин 

Претседателката на Косово Вјоса Османи на социјалните мрежи го окарактеризира инцидентот како терористички чин во кој е нападната виталната инфраструктура на државата.

„Српските криминални банди изгубија во секоја битка со институциите на Косово. Тие повторно ќе изгубат, во нивните кукавички обиди со терористички акти да ја нападнат виталната инфраструктура на нашата Република. Заштитата на уставноста и законитоста во секој агол на земјата и војната без компромис против овие криминални елементи е од витално значење“, порача претседателката на Косово.

Претседателката Османи ги повика граѓаните да продолжат да покажуваат смиреност и разумност додека државните институции го истражуваат случајот и ја санираат штетата со најголема професионалност.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свецла, кој излегол на местото на настанот, експлозијата на каналот Ибар – Лепенци во Зубин Поток ја опиша како терористички чин.

„Пред 7 часот навечер, според полицискиот извештај, се слушнала експлозија. По известувањето полицијата излегла на местото на настанот и било забележано дека од терористичкиот акт е оштетен дел од каналот Ибар – Лепенци кој се смета за критична инфраструктура“, изјави Свецла.

Тој додаде дека неодамнешните експлозии на северот на Косово биле извршени со експлозиви од српските резерви.

„Станува збор за експлозиви кои не е лесно да се најдат на црниот пазар. Тоа секако доаѓа од резервите, од резервите на експлозивите на Србија“, истакна Свецла.

Косовските медиуми објавија дека постои сомневање дека со експлозијата се имало намера да се оштети критичната инфраструктура на Косово со цел да го попречи протокот на вода што се користи за ладење во процесот на производство на електрична енергија во електраните Косово А и Косово Б.

Регионалното водостопанство „Митровица“ соопшти дека е прекинато снабдувањето со вода за пиење поради оштетувањето на дел од каналот Ибар – Лепенци. Претпријатието ги повика граѓаните да обезбедат резерви на вода за пиење.

Енергетската корпорација на Косово (КЕК) соопшти дека е во комуникација со релевантните актери и додаде дека се надева на брзо решавање на ситуацијата.

AA

Read Previous

Меџити за инцидентите со знамињата: Сите кои го прекршиле законот ќе одговараат

Read Next

Почна рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025 година