„Армијата која е вооружена толку значително како нашата за толку кратко време мора да обезбеди целосна оперативна подготвеност и долгорочна одржливост. Денес ги правиме првите чекори кон воспоставување на нашата воена индустрија“, рече Курти
Косовскиот премиер Албин Курти денес соопшти дека потпишал одлука за преземање на првите чекори кон формирање на одбранбена индустрија во земјата, јавува Анадолу.
За време на владиниот состанок премиерот Курти ја објави одлуката за формирање меѓуресорска комисија. Оваа комисија ќе се фокусира на оценување и започнување разговори за отворање фабрика за муниција и лабораторија за дизајнирање на дронови.
Курти присуствуваше на настан во касарната „Адем Јашари“ во Приштина по повод „Денот на Силите“, ден кога Косовските безбедносни сили (КБС) ги отвораат вратите за јавноста.
На настанот присуствуваа и министерот за одбрана, Ејуп Маќедончи, и воени и дипломатски претставници кои служат во Косово.
„Армијата која е вооружена толку значително како нашата за толку кратко време мора да обезбеди целосна оперативна подготвеност и долгорочна одржливост. Денес ги правиме првите чекори кон воспоставување на нашата воена индустрија“, изјави премиерот Курти.
На прес-конференција министерот Маќедончи рече дека тесно соработуваат со меѓународните партнери на плановите за отворање фабрика за муниција. Тој ги охрабри и приватните компании да преземат иницијатива за отворање слични објекти.
Косовските безбедносни сили (КБС), формирани во 2009 година за извршување операции за управување со кризи дома и во странство, како и мисии за цивилна одбрана за време на природни катастрофи и вонредни ситуации, почнаа да се трансформираат во вооружени сили во 2018 година по законските измени. Процесот на трансформација се очекува да трае една деценија.
AA