Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, денеска се сретна со Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, предводена од Радек Вондрачек, заменик-претседател на Комисијата
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешни работи, од Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, предводена од пратеникот Радек Вондрачек, заменик-претседател на Комисијата, јавува Анадолу.
Како што соопштуваат од Собранието, процесот на евроинтеграција на Северна Македонија беше во фокусот на разговорите, при што беше нагласена значајната поддршка на Чешка, како и на целата Вишеградска група, за полноправно членство во Европската Унија.
„Претседателот Гаши изрази благодарност што Чешката Република, како членка на Европската Унија, принципиелно ги промовира политиките, во контекст на земјите од Западен Балкан. Тој, исто така, изрази очекување за понатамошно интензивирање на таа поддршка. Посебно во однос на Северна Македонија, со оглед на актуелните предизвици со кои се соочува нашата земја на евроинтегративниот пат, и покрај големиот капацитет за компромиси што го покажавме во изминатиот период“, стои во соопштението.
Вондрачек истакна дека е добро позната чешката позиција за долгорочна поддршка на интеграциските процеси на нашата земја и на регионот во целина.
На средбата беше нагласено дека двете земји годинава одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи, „а низ годините пријателството и меѓусебната почит меѓу двете држави не само што се потврди, туку и се продлабочи“.
Според соопштението, на средбата беа разменети мислења и за меѓупарламентарната соработка и притоа беше посочено дека е мошне значајна комуникацијата меѓу работните тела и пратеничките групи за соработка.
AA