Донацијата на автобусите од страна на ЕУ, според скопската градоначалничка Данела Арсовска, е голем успех на Градот Скопје и доказ дека кога не е блокирана од никого градската администрација е способна да спроведе нешто што е од бенефит за Скопје
Шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас од денеска се дел од возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Автобусите се донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“.
На примопредавањето на автобусите се обрати евроамбасадорот Михалис Рокас, велејќи дека тие ќе придонесат за намалување на загадениот воздух бидејќи, како што рече, тоа е еколошки проблем што се јавува по почетокот на грејната сезона и со години наназад го зема данокот врз здравјето на граѓаните.
„Транспортот е причина за големото количество емисии на јаглерод диоксид што го испуштаме во атмосферата. На овој начин овозможуваме граѓаните да можат да го користат јавниот превоз, наместо поединечни возила. Мора да го направиме јавниот транспорт колку што може помалку да загадува“,рече, меѓу другото, евроамбасадорот Рокас.
Во рамки на проектот, како што додаде, освен Скопје, се опфатени и Битола, Куманово и Тетово, односно градовите кои се соочуваат со зголемено аерозагадување.
Донацијата на автобусите од страна на ЕУ, според скопската градоначалничка Данела Арсовска, е голем успех на Градот Скопје и доказ за силната и безрезервна поддршка на Европската Унија.
„Ова е доказ дека нашата градска администрација кога не е блокирана од никого навистина е способна да спроведе нешто што е од бенефит и за Скопје и за целата држава“,изјави скопската градоначалничка.
Арсовска изрази надеж дека овој проект ќе ги поттикне советниците во Советот на Град Скопје што е можно побрзо да го поддржат проектот за набавка на 250 нови електрични автобуси.
360stepeni