Министерот за социјална политика Фатмир Лимани од ниски политички причини го држи во заложништво почетокот на работата на градинките во Матејче и Арачиново, обвинуваат градоначалниците на општините Липково Еркан Арифи и на Арачиново Ридван Ибрахими. Тие во знак на протест се собраа пред Министерството и бараат за децата од овие општини во најскоро време да се отворат градинките.
„Градинките од овие две општини Арачиново и Липково се подготвени да примаат деца од предучилишна возраст во своите простори, завршени се сите технички и административни, единствено нешто што го спречува отворањето на вратите на овие објекти посветени на најмалите тоа е неподготвеност на овој човек да го процесира согласноста за вработување на потребниот кадар. Јавно прашуваме дали единствениот мотив на овој човек е каснувањето на населението на овие две општини затоа што не му дале легитимитет да одлучува во ниво име.“, изјави Ибрахими.
Но премиерот Христијан Мицкоски вели дека проблемот е од претходната власт на СДСМ и ДУИ и дека веќе е дадено барање до Министерството за финансии за вработување на негувателки.
„Дадени се одобренија за вработување од страна на Министерството за финансии и во општина Арачиново и во општина Липково. Но она кое што е најважно, се надмина проблемот околу полагање на испити кој што беше акутен проблем, тоа беше проблем во кој што стотици негуватели и воспитувачи не можеа да добијат соодветна лиценца за да бидат вработени. Убеден сум дека многу скоро и тие градинки како и други градинки и таа во Кочани и таа во Прилеп и други ќе бидат функционални наскоро од денеска“, рече Мицкоски.
Покрај овие градинки и во Чаир, градинката „Бамби“ е готова, но сè уште нема почнато со работа. Претходно беше објавено дека треба да се отворат уште 30 вработувања за градинката „Рилиндја“ во Тетово. Оваа градинка е изградена со средства од Европската Унија, со капацитет за 153 деца.
TV21