ноември 21, 2024

Албанија ја разгледува можноста за забрана на ТикТок и Снапчат

Премиерот Рама рече дека предлогот ќе им биде доставен за дискусија на родителите и дека сите училишта ќе работат на подемократско донесување на одлуката

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека е можно земјата да донесе „радикална одлука“ за целосна забрана на ТикТок и Снапчат по убиството на 14-годишен ученик од основно училиште од друг ученик во главниот град Тирана, јавува Анадолу.

Во изјавата по состанокот на Владата, Еди Рама истакна дека смртта на 14-годишното момче е трагедија за која е потребен ефективен одговор и од државата и од општеството.

Истакнувајќи дека некои земји го ограничуваат пристапот до социјалните мрежи за деца под 16 години, Рама рече: „Како Влада, наша дилема е дали да продолжиме со имплементацијата на филтри. Од сите наши искуства досега увидовме дека ефективноста од овие филтри е многу мала и дека онлајн поттикнувањето на насилство и булинг само се зголемува.“

„Можеби треба да донесеме радикална одлука за целосна забрана на ТикТок и Снапчат во Албанија“, рече тој.

Тој додаде дека предлогот ќе им биде доставен за дискусија на родителите и дека сите училишта ќе работат на подемократско донесување на одлуката.

Во однос на мерките за осигурување на безбедноста во училиштата, Рама најави планови за инсталирање камери во сите училишта и училници во блиска иднина.

Во понеделникот 14-годишниот Мартин Цани го загуби животот при напад со нож од друг ученик во основното училиште „Фан Ноли“ во Тирана.

Расправијата на учениците наводно започнала на социјалните мрежи.

Во меѓувреме родителите, загрижени за безбедноста на учениците, ќе излезат на мирен марш утре (петок) од основното училиште „Фан Ноли“ до Министерството за образование и спорт во Тирана.

AA

Read Previous

Месечната кошничката стана прескапа, власта да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450 евра, бара СДСМ

Read Next

Средба Гаши-Дрекслер-Улман: Донација на безбедносни скенери за Собранието од Бундестагот