ноември 15, 2024

Состанок на високо ниво за подготовка на новата рамка за соработка за одржлив развој меѓу Македонија и ОН

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со Резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Рита Колумбиа, денеска ко-претседаваа со состанокот на високо ниво за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој на Обединетите нации и националните институции за периодот 2026-2030. На состанокот присуствуваа Премиерот Христијан Мицкоски и повеќемина ресорни Министри и Заменик министри и претставници од 14 ентитети на ОН во земјата.

На состанокот беше потврден ставот дека развивањето на националните стратегии и акциски планови ќе ги премости долгорочните обврски со мерливи, краткорочни цели, приспособени на секој контекст.

„Инклузивниот ангажман на засегнатите страни е подеднакво суштински. Вклучувањето на локалните власти, граѓанското општество и приватниот сектор од самиот почеток, ќе ја поттикне вистинската соработка, обезбедувајќи успех на нашите заеднички цели кои сакаме да ги постигнеме”, истакната претседателот на владата Христијан Мицкоски во обраќање.

Фокусот на дискусијата беше ставен на националните приоритети во доменот на одржливиот развој и за усогласувањето со глобалните стандарди. Се потврди заложбата за заедничнкиот придонес кон подобрување на квалитетот на животот, владеењето на правото, заштитата на животната средина, социјалната инклузија, намалување на сиромаштијата, создавање услови за економски напредок, намалување на загадувањето итн.

„Оваа Рамка не е само декларација на добри намери, туку истата претставува модел на партнерство насочен кон постигнување на одржлив развој, справување со нееднаквоста и подобрување на иднината на генерациите што доаѓаат. Но, она што навистина ја издвојува оваа рамка е нејзиниот пристап кон луѓето. Ја нагласува инклузивноста, фокусирајќи се на маргинализираните и ранливите заедници, осигурувајќи дека „никој нема да биде изоставен“. За нас, одржливиот развој значи градење општество во кое сите ќе имаат еднакви шанси за напредок, независно од нивната социјално-економска состојба, етничка припадност или местото на живеење“, истакна Муцунски.

Во рамките на своето обраќање постојан координатор на ОН во Северна Македонија, Рита Колумбија подвлече дека во моментов во земјата работат 22 агенции и програми на ОН, притоа додаде дека сите напори на ОН во земјата се дизајнирани да го поддржат спроведувањето на националните приоритети, во согласност со Агендата 2030 за одржлив развој и процесот на пристапување во ЕУ, тесно поврзани и насочени кон подобрување на животните услови и обезбедување подобра иднина за сите.

Во дискусијата, за најсоодветно искористување на поддршката што ја добиваме од системот на ОН, а во насока на реализирање на развојните приоритети, активно учество земаа Министрите и Заменик министрите од Владата.

ZOOM

Read Previous

Битиќи: Буџетот е за конфор на власта, има пари за мебел а нема за граѓаните

Read Next

Пленковиќ за разрешувањето на Берош: „Згрозен што некој во здравството ја користи својата позиција за да се збогати“