ноември 23, 2024

МВP со предупредување за измами со криптовалути од лажни „финансиски советници“

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека е забележана зголемена активност на измамници, кои преку социјалните мрежи се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути. Овие лица се рекламираат со лажни профили или спонзорирани реклами, често ветувајќи висока заработка и брзи добивки, со што успеваат да ги привлечат жртвите кои бараат начин да инвестираат.

По воспоставувањето контакт преку социјалните мрежи, измамниците комуницираат со жртвите преку телефонски повици, користејќи VOIP броеви, кои обично изгледаат како локални броеви за да стекнат доверба. Во текот на разговорот, тие ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап, под изговор дека им е потребен за да им помогнат со поставување на платформата за тргување.

Откако ќе добијат далечински пристап до компјутерот или мобилниот уред на жртвата, измамниците пристапуваат до електронското банкарство и ги префрлаат паричните средства од банкарските сметки на жртвите. Во многу случаи, жртвите остануваат без средства пред да сфатат дека се измамени, а штетите се значителни.

Секторот за компјутерски криминал ги советува граѓаните да бидат исклучително внимателни при комуникација со непознати лица кои нудат финансиски совети преку интернет. Никогаш не инсталирајте софтвер за далечински пристап на барање на непознати и внимавајте на повици од непознати или сомнителни телефонски броеви. Во случај на сомневање за измама, веднаш контактирајте ја вашата банка и пријавете го случајот во Министерството за внатрешни работи.

TV21

Read Previous

Австралија и Индонезија ја одржуваат најголемата воена вежба, прва по новиот одбранбен договор

Read Next

Минување на црвено светло, непрописно паркирање и возење со поголема брзина од препорачаната ќе бидат регистрирани со „Сејф сити“, најави Тошковски