октомври 25, 2024

БиХ: Фон дер Лајен ги посети поплавените подрачја во Доња Јабланица и вети помош од ЕУ


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пристигна во Доња Јабланица придружувана од претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пристигна во Босна и Херцеговина, а веднаш по нејзиното пристигнување ја посети Доња Јабланица за да ги обиколи поплавените подрачја, известува Анадолу.

Фон дер Лајен пристигна во Доња Јабланица придружувана од претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и генерал-мајор Ласло Стица, командант на ЕУФОР.

Фон дер Лајен беше пречекана од премиерката на Херцеговско-неретванскиот кантон Марија Бухач, министерот за трговија, туризам и заштита на животната средина и шефот на меѓународната оперативна база на ХНК Емил Балавац, градоначалниците на Јабланица, Коњиц, Крешево, Фојница и Кисељак, како и бројни претставници на спасувачките екипи.

Претседателката на Европската комисија ја посети областа во Доња Јабланица, која беше најпогодена од катастрофалните поплави што на почетокот на октомври го зафати овој дел на Босна и Херцеговина.

Таа беше детално информирана и за моменталната состојба во областа и активностите кои се спроведуваат за помош на настраданите од поплавите и одроните.

Фон дер Лајен изјави дека Европската унија ќе и пружи помош на Босна и Херцеговина по катастрофата.

„Моите мисли се со жртвите и нивните семејства и пријатели кои имаа страшни искуства. Бев информирана дека катастрофата започнала среде ноќ, луѓето немале шанса да ја напуштат областа, сакам да ви кажам дека Европската унија е со вас. Европа е со вас. Ние не сме тука краткорочно, туку долгорочно да ви помогнеме, пред сè, да го реконструираме и обновиме ова по катастрофата. Ние ќе продолжиме да бидеме со вас. Вие сте наши пријатели и партнери, земја кандидат за членство во ЕУ“, рече Фон дер Лајен.

Претседателтката на Европската комисија во петок ќе оствари средби со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

По посетата на Босна и Херцеговина, во рамки на турнејата по Западен Балкан, Фон дер Лајен ќе се сретне со највисоките претставници на Србија, Косово и Црна Гора. Таа претходно ги посети Албанија и Северна Македонија.

„Ова ќе биде можност да се разговара за напредокот на партнерите од Западен Балкан на патот кон Европската унија, како и за планот за раст на ЕУ од 6 милијарди евра“, објави претходно Европската комисија.

Во поплавите и свлечиштата што ја зафатија Босна и Херцеговина на 4 октомври, во подрачјето на Јабланица загинаа 19 лица, 5 во општина Коњиц и 3 во општина Фојница.

AA

Read Previous

Николовски: Зајакнување на односите со инвеститорите клучно за зголемување на економската конкурентност и вработеноста во државата

Read Next

Во Македонија живеат 135 Црногорци, покажаа резултатите од пописот