Словенија и Италија евакуирале околу пет илјади луѓе за време на акцијата за деактивирање на бомбата.
На градилиште во Нова Горица, град во западна Словенија, на границата со Италија, деактивирана е бомба тешка 104 килограми од Втората светска војна, јавува Анадолу.
Среќко Шестан од Цивилната заштита во изјава за новинарите рече дека на истото градилиште во Нова Горица претходно биле пронајдени седум бомби од Втората светска војна.
„Се надевам дека ова е последната“, рече тој.
Шестан истакна дека и Словенија и Италија евакуирале околу пет илјади луѓе за време на акцијата за деактивирање на бомбата.
Жителите од двете страни на словенечко-италијанската граница се вратија во своите домови откако словенечкиот тим за деминирање безбедно ја деактивира бомбата.
Бомбата тешка 104 килограми, произведена во Велика Британија, ја открија работници кои ја реновираа железничката станица во Нова Горица на 23 септември.
Се верува дека железничката станица во Нова Горица била бомбардирана за време на Втората светска војна и дека за време на војната врз Словенија биле фрлени околу 60 илјади бомби. Историчарите сметаат дека шест илјади од овие бомби никогаш не експлодирале.
AA