Вучиќ соопшти дека разговарале за клучните прашања поврзани со зајакнувањето на соработката и европската интеграција на Западен Балкан, како и за регионалните и светските предизвици што влијаат врз стабилноста на регионот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес во Белград се сретна со заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Александар Касаноф, пренесува Анадолу.
По средбата Вучиќ на социјалните мрежи објави дека разговарале за клучните прашања поврзани со зајакнувањето на соработката и европската интеграција на Западен Балкан, како и за регионалните и светските предизвици што влијаат врз стабилноста на целиот регион.
„Особено разговаравме за многубројните потенцијали за зајакнување на билатералните односи меѓу Србија и САД и истовремено подобрување на соработката на различни полиња, како што се енергетиката и новите инвестиции во повеќе големи проекти што Србија ги има во план. Укажав на значењето на дијалогот меѓу нашите две земји, а особено на отворената размена за прашања за кои не се согласуваме“, наведе Вучиќ и додаде:
„Говорејќи за состојбите во регионот, првенствено ја нагласив исклучително тешката и сложена ситуација на Косово и Метохија и укажав на речиси невозможните услови во кои живее српскиот народ на КиМ. Нагласив дека за конструктивен дијалог се потребни две страни, како и дека Србија останува посветена на разговорот и мирното решавање на проблемите и покрај непотребната еднострана ескалација на тензиите.“
AA