ноември 22, 2024

Радиолог, гинеколог и радиолошки технолог загинаа во сообраќајната несреќа кај Прилеп

Во тешката сообраќајна незгода на патот Прилеп – Битола загинаа радиолог, гинеколог и радиолошки технолог.

Преку социјалните мрежи за нивната смрт извести и Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари.

Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.

Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болницата „Плодност“ со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги за прераната загуба на нивните членови. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рендген-дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески со години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин Болницата ‘Плодност’ секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болницата ‘Плодност’“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болницата „Плодност“.




ZOOM

Read Previous

Протест пред Парламентот на Албанија: Опозициските пратеници запалија кукли кои ги претставуваат Рама и соработниците

Read Next

15-годишно момче загина во сообраќајка на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка