Иако во соопштението на Обвинителството не се споменува идентитетот на обвинетиот, сепак, извесно е дека станува збор за охридскиот бизнисмен и поранешен член на Советот на Охрид, Нефи Усеини, за кој веќе се води судска постапка за уште едно бесправно градење во центарот на градот
Против двајца охриѓани Н.У. и С. Ш., кои се на возраст од 49 и 48 години, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид поднесе обвинителен акт за кривично дело бесправно градење.
Осомничените, како што се наведува во соопштението од Обвинителство, на 27 јули годинава без да имаат одобрение за градење, како соизвршители, почнале да градат објект на нивно земјиште.
На објект што се наоѓа во центарот на Охрид, според соопштението од ОЈО, осомничените изградиле доградби од северната страна, во сутеренот, приземјето и на катот, проширувајќи ги со армирани-бетонски плочи и столбови. По ова, објектот бил надграден со две армирано-бетонски плочи со кои со кои се зголемила неговата катност.
Обвинетите се гонат согласно член 244-а став 1 од Кривичниот законик каде што се вели дека тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години.
Од Обвинителство исто така велат дека против првиот обвинет во овој предмет се води судска постапка за уште едно бесправно градење во центарот на Охрид.
Иако во соопштението на Обвинителството не се споменува идентитетот на обвинетиот, сепак, извесно е дека станува збор за охридскиот бизнисмен и поранешен член на Советот на Охрид, Нефи Усеини.
За Усеини Обвинителството подигна обвинение за дивоизградената пицерија на државно земјиште кај охридскиот чинар во строгиот центар на градот и тоа по четири години од никнувањето на дивоградбата на атрактивната локација.
Во 2019 години полицијата поднесе кривични пријави против Усеини и против уште едно лице, во врска со инцидент кој се случил пред хотел во Охрид кога беше нападнат охриѓанец. Меѓутоа, тој случај заврши со ослободителна пресуда бидејќи нападнатиот потоа го смени исказот и тврдеше дека е изваден од контекст и не е нападнат.
360stepeni