Изминатата ноќ се спроведени најжестоките израелски воздушни напади врз градот Баалбек и неговата околина во Источен Либан
И покрај меѓународните повици за привремен прекин на огнот, израелските воени авиони и денес продолжуваат со напади врз Либан, во кои меѓу жртвите има и цело семејство, пренесува Анадолу.
Либанска национална новинска агенција (ННА) објави дека изминатата ноќ биле спроведени најжестоките израелски воздушни напади врз градот Баалбек и неговата околина во Источен Либан.
Цело семејство е убиено во напад на неговиот дом во градот Чаат, јави агенцијата, која не го прецизира бројот на загинати членови на семејството.
Исто така, израелските авиони спроведоа воздушни напади во текот на ноќта и врз јужниот Округ Тир, како и врз градовите Таир Деба, Бедиас, Маараке и Базуриех, потврдија очевидци за Анадолу.
Има јавувања за напади и во јужната област Набатије, како и во градовите Кфар Ремен и Завтар.
Смртоносните израелски воздушни напади врз Либан продолжуваат и покрај повикот доцна синоќа од страна на САД, ЕУ и девет земји двете страни да се согласат на 21-дневен прекин на огнот за да „обезбедат простор за дипломатијата“.
Израел изврши напади врз неколку подрачја во Либан од понеделникот утрото, поради ескалација на прекуграничните судири со Хезболах.
Според бројките објавени од Министерството за здравство, оттогаш во нападите на Израел убиени се најмалку 610 луѓе, а над 2.000 се повредени.
Либанската група Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелскиот напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа повеќе од 41.400 луѓе, главно жени и деца.
Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста од регионално проширување на конфликтот од Газа.
AA