ноември 24, 2024

Северна Македонија го одбележа Меѓународниот ден на демократијата

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, рече дека демократијата мора постојано да се подобрува, бидејќи, како што рече, таа е основа за задржување на младите во државата

Во Собранието на Северна Македонија денеска беше одбележан Меѓународниот ден на демократијата, во присуство на деца и млади од основните и средните училишта, јавува Анадолу.

Во своето излагање пред присутните, претседателот на Собранието, Африм Гаши, рече дека демократијата мора постојано да се подобрува, бидејќи, како што рече, таа е основа за задржување на младите во државата.

„Тука сме да испратиме порака да ја поддржиме различноста, да промовираме инклузивност и правда во општеството и, пред сè, да го почитуваме секој поединец, бидејќи тоа е суштината на демократијата како суштинска вредност на современиот свет“, рече Гаши, додавајќи:

„Создавањето услови за интеграција во општеството на секој поединец, без разлика на етничката, половата или религиската припадност, социјална положба или политичка припадност, е основа за задржување на младите во нашата земја, бидејќи демократијата не е нешто што го земаме здраво за готово, туку мора да се подобрува постојано.“

Амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Вероник Хулман, рече дека Швајцарија во изминатите години го поддржувала Собранието за подобро функционирање, да стане потранспарентно и независно, како и да ја зајакне својата надзорна улога.

Таа упати порака до политичките партии и државните институции да обезбедат повеќе простор за учество на младите и нивно поголемо влијание врз процесот на одлучување.

„Нашата поддршка му помогна на Собранието да создаде независен буџет, да донесе стратешки план, да ги зајакне вештините и стручноста на персоналот, во дигитализацијата и зајакнувањето на транспарентноста, негувањето на односите со граѓаните и граѓанското општество“, рече Хулман.

Претставникот на Меѓународниот демократски институт, Роберт Скот Хејзлет, им порача на помладите дека тие се дел од системот, иако, како што рече, не можат да го остварат својот глас.

„Вие имате глас, идеи, соништа и грижи кои се важни. Кога го споделувате она што го мислите со другите – без разлика дали на училиште, дома или со пријателите – вие практикувате демократија. И, еден ден ќе пораснете и ќе можете да гласате и да донесувате поголеми одлуки за вашата земја“, рече Хејзлет.




АА

Read Previous

Таравари: Може да разговараме со Сеља и Ахмети за прашањата поврзани со Албанците

Read Next

Дурмиши: Нема замрзнување на цените, ќе се ограничи маржата до 10%