„Како Туркије, секогаш заземаме активен став на Балканот. Мислам дека дополнително ќе го унапредиме тоа благодарение на нашата соработка со Северна Македонија, која се наоѓа во срцето на Балканот“, изјави шефот на турската дипломатија Фидан
Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, изјави дека политичките проблеми со кои се соочуваат на Балканот се низа проблеми кои доаѓаат од историјата и додаде: „Ние имаме само еден начин: Да дадеме сѐ од себе за да ги решиме овие проблеми преку мир и дијалог“, известува Анадолу.
Министерот Фидан зборуваше на заедничката прес-конференција одржана по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во Скопје.
Заблагодарувајќи му се на својот колега за гостопримството во Северна Македонија, Фидан рече дека во последните 20 години многупати ја посетил Северна Македонија и Скопје додека бил на различни должности.
„Туркије непоколебливо ја поддржува Северна Македонија од нејзината независност и ќе продолжи да го прави тоа“, рече Фидан и упати честитки до новата Влада на Северна Македонија.
Министерот Фидан рече дека денеска ќе има напорна програма и истакна дека имале многу продуктивни средби со делегацијата на Северна Македонија.
Зборувајќи за средбите остварени со високи претставници на Северна Македонија, Фидан потсети дека во јуни се сретнал со претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, за време на неговата посета на Скопје по повод Самитот на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа.
Подвлекувајќи дека Туркије му придава големо значење на пријателството, соработката и сојузништвото со Северна Македонија, министерот Фидан рече дека со колегата Муцунски разговарале за односите меѓу двете земји во новиот период во Северна Македонија, со желба тие да бидат понесени уште понапред.
– Економски односи меѓу двете земји
Министерот Фидан истакна дека со неговиот колега размениле идеи за можните патишта што треба да се следат за формирање на Совет за стратешка соработка на високо ниво со одобрение на лидерите на двете земји, со цел воспоставување на односите во институционална рамка.
Нагласувајќи дека на своите соговорници им кажале дека Туркије има „сериозни намери“ по ова прашање, Фидан посочи дека Туркије сака да ја зголеми економската соработка меѓу двете земји на ниво достојно на политички односи.
Истакнувајќи дека имаат за цел зголемување на обемот на трговската размена меѓу Туркије и Северна Македонија на 2 милијарди долари, Фидан изјави дека со Муцунски разговарале какви чекори треба да се преземат по тоа прашање.
Фидан рече дека Туркије внимателно ги следи развојните потези во Северна Македонија и верува дека развојот ќе се забрза во периодот на новата Влада.
Наведувајќи дека турските компании имаат можност да дадат значителен придонес за Северна Македонија во овој процес, Фидан објасни дека компаниите се охрабрени да ги зголемат своите инвестиции во земјата.
Шефот на турската дипломатија ја посочи важноста од соработката во енергетиката и военото поле во односите меѓу двете земји и додаде:
„Верувам дека темите како што се учество на воена обука и вежби ќе добијат значителен замав во наредниот период. Компаниите од одбранбената индустрија во нашата земјата се во првите светски редови. Би сакал да истакнам дека овие компании се подготвени да го дадат својот придонес за Северна Македонија.“
Зборувајќи дека Северна Македонија има „посебно“ место кај него, министерот Фидан се осврна на важноста на отоманските градби од аспект на културното богатство на Северна Македонија.
Фидан рече дека реставрираните објекти со поддршка на турските институции претставуваат и туристички центри на атракција и го изрази своето задоволство од тоа.
Министерот Фидан истакна дека поддршката на културно поле ќе продолжи со несмалено темпо и во наредниот период.
– Местото на турската заедница во односите меѓу двете земји
Посочувајќи дека една од најважните врски меѓу пријателската и братска Северна Македонија и Туркије е турската заедница во земјата, министерот Фидан рече дека многу Турци и луѓе од различни заедници кои во минатото имигрирале од Северна Македонија, денес живеат во Туркије како турски државјани.
Посочувајќи дека овие човечки односи ги поврзуваат двете земји како Камениот мост над реката Вардар, Фидан истакна дека му придаваат значење на позитивниот тек на односите меѓу сите заедници во Северна Македонија и зачувувањето на оваа хармонија.
Зборувајќи дека веруваат дека законските права и барања на турската заедница ќе бидат почитувани од сите државни органи во Северна Македонија, Фидан рече:
„Сигурен сум дека новата Влада ќе ја прифати турската заедница во однос на барањата за образование на мајчин јазик и инфраструктурни потреби во рамките на законот. Исто така верувам дека новата Влада ќе биде чувствителна за борбата против тероризмот, особено ФЕТО. ФЕТО претставува сериозна закана не само за Туркије, туку и за секоја земја во која се наоѓа. Очекуваме Северна Македонија да даде посилна поддршка во борбата против оваа терористичка организација.“
– Туркије секогаш зазема активен став на Балканот
Наведувајќи дека на денешната средба со неговиот колега Муцунски разговарале и за регионални прашања, Фидан истакна дека Балканот има геостратешко значење.
Посочувајќи дека Балканот се наоѓа на простор кој директно влијае врз безбедноста и просперитетот на Европа, Фидан додаде дека на овие простори луѓето со векови живеат заедно на пријателски и братски начин, заснован на почитување на културната различност.
Нагласувајќи дека воспоставувањето стабилност, мир и просперитет на целиот Балкан е главен приоритет на Туркије денес, Фидан продолжи со зборовите:
„По тоа прашање правиме интензивни напори. Како Туркије, ние секогаш заземаме активен став на Балканот. Мислам дека дополнително ќе го унапредиме тоа благодарение на нашата соработка со Северна Македонија, која се наоѓа во срцето на Балканот.“
Фидан истакна дека ваквите меѓусебни посети ќе ги забрзаат билатералните односи.
– Единствениот начин за решавање на проблемите на Балканот се мир и дијалог
Одговарајќи на прашањето од претставниците на медиумите за пристапот на Туркије во решавањето на проблемите на Балканот, Фидан истакна:
„Политичките проблеми со кои се соочуваме на Балканот се низа проблеми кои доаѓаат од историјата. Имаме само еден начин за тоа: Да дадеме сѐ од себе и да ги решиме овие проблеми преку мир и дијалог“.
Министерот Фидан рече дека, како што се гледа во поновата историја, конфликтите и војната носат уништување и дека не е доволно решението на проблемите во регионот да се очекува само од меѓународните организации и силните нерегионални актери.
Нагласувајќи дека регионалните земји треба да покажат регионална сопственост и да се свесни за сопствените проблеми, Фидан истакна:
„Како Туркије, во рамките на политичката визија што ја предложи нашиот претседател, ние сме многу чувствителни за регионалната сопственост не само на Балканот, туку и во другите географии, бидејќи чекањето некој друг да дојде и да ги реши нашите проблеми е олеснувачко, но за жал проблемите со тоа никогаш не се решават, ниту толку брзо, ниту на начинот како што посакуваме.“
Фидан рече дека тие како Туркије заземаат активен став за решавање на тековните проблеми и во Босна и Херцеговина и во Косово преку мир и дијалог, поддржувајќи ги меѓународните напори и истакна дека се во потрага што можат да сторат како Туркије.
Нагласувајќи дека целосно го поддржуваат процесот Белград – Приштина, Фидан рече дека ги поддржуваат и делата и средбите што не се отсликуваат во медиумите, а во исто време се трудат да дадат свој придонес колку што можат.
Фидан истакна дека фокусирањето на решавањето на проблемот со мир и дијалог е единствениот начин и наведе дека на насилство, конфликт и војна не треба ниту да се помислува.
Потсетувајќи дека Балканот има многу болно искуство од тоа во последните 20 години и дека треба да се извлечат поуки од овие неволји, Фидан истакна дека фокусот наместо на сопствени мали придобивки треба да се стави на иден голем просперитет, развој и големи придобивки што ќе дојдат во регионот благодарение на мирот, дијалогот, развојот и воспоставувањето систем.
Укажувајќи на важноста од вложување напори за ослободување од струите и деструктивните ефекти што ги носат наметнатите идентитетски политики во регионот, кои во спротивно можат да доведат до досегнување на историското дно, Фидан го заокружи своето обраќање со зборовите:
„Верувам дека луѓето од регионот ќе имаат можност да го зачуваат сопствениот идентитет, да го заштитат својот суверенитет и територијален интегритет како држава и да живеат во мир, но треба да размислиме за следното: Дали некогаш ќе бидеме доволно зрели да го сакаме истото тоа за другите како што го сакаме за себе? Кога ќе го досегнеме тоа, верувам дека ќе дојде мир во регионот.“
– „Главен и одговорен за геноцидот (во Газа) е Нетанјаху“
Наведувајќи дека бруталноста во Газа продолжува, Фидан истакна дека тензиите се проширени и на Западниот Брег, и дека провокациите насочени кон Месџид ал Акса уште повеќе ја влошуваат ситуацијата.
Во врска со тековните напади на Израел врз Газа, Фидан рече:
„Главен и одговорен за геноцидот (во Газа) е Нетанјаху. Нетанјаху продолжува да сее смрт и терор за да остане на власт. Нетанјаху ги саботира сите обиди за прекин на огнот и продолжува да ги нарушува преговорите за прекин на огнот со постојано воведување нови услови.“
Посочувајќи дека дури и израелската јавност почна да се бунтува против Нетанјаху, Фидан порача:
„Меѓународната заедница мора да го спречи Нетанјаху. Да се молчи пред масакрот е еднакво на соучесник во ова злосторство.“
AA