Во Скопје нема да се набават ниту нови автобуси ниту ќе се воведе брз автобуски превоз. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ повторно не гласаа за набавка на нови еколошки автобуси. Сите други советнички групи гласа „за“, одлуката доби 20 гласови, но тие не беа доволни за да помине бидејќи се потребни 23 гласови. Претседателот на советот Трајко Славески кажа дека нема да гласа за оваа точка затоа што во буџетот за оваа година немало пари за таа намена. А градоначалничката Арсовска инсистираше да се промени одлуката за потреба од набавка на еко автобуси и дека може средства од буџетот да бидат пренаменети, таа го обвини Славески за „играње мајтап“ со граѓаните.
Додека советниците од ВМРО – ДПМНЕ бараа брзо решение, бидејќи школската година почнува од понеделник, СДСМ убедуваше дека пари во буџетот на Град Скопје има за нови автобуси.
На седницата беше ставена и точката за воведување на брз автобуски превоз, но таа доби поддршка само од советниците од СДСМ. Советниците од „Зелен Хуман Град“ и Левица го отфрлија како нееколошки. Проектот за брзиот автобуски превоз е од времето на претходниот градоначалник Петре Шилегов за кој Собранието донесе закон, а државата се задолжи кај ЕБОР. Со него се предвидуваше намалување на сообраќајниот хаос, но проектот не се реализира и државата сега плаќа пенали. Од државниот буџет годишно се плаќаат по 350 илјади евра камата на ЕБОР. Изминатата недела премерот Мицкоски вети дека советниците од ВМРО ДПМНЕ ќе ги гласаат проектите на градот Скопје.
TELMA