ноември 22, 2024

Мицкоски: СДСМ се плаши од министерот Тошковски, затоа бара негова оставка

„Гледаат дека повеќе нема заштитени граѓани, политички елити, туку секој е одговорен пред законот и тие веќе добиваат информации за тоа што ќе следи оваа есен и се исплашени од Тошковски и има причина зошто да се плашат“, вели премиерот Мицкоски

СДСМ се исплашени од Тошковски зашто знаат што правеле седум години, рече премиерот Христијан Мицкоски во коментар на барањето на опозицискиот СДСМ за оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани.

Мицкоски рече дека и тој би бил исплашен да е на местото на СДСМ.

„Јас СДСМ ги разбирам, не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Зошто ги разбирам, а не можам да ги оправдам, поради една едноставна причина што се исплашени од Тошковски, затоа што гледаат дека повеќе нема заштитени граѓани, политички елити, туку секој е одговорен пред законот и тие веќе добиваат информации за тоа што ќе следи оваа есен, и се исплашени од Тошковски и има причина зошто да се плашат. Да бидам искрен и јас да сум на нивно место би бил испрашен бидејќи тие знаат што правеле седум години и затоа се исплашени и треба да се плашат“,рече тој.

Премиерот смета дека министерот Тошковски ја врши професионално својата работата и го охрабри да продолжи во таа насока.

„Затоа што сите овие случаи кои што се веднаш решени заедно со неговите соработници, во минатото беше мисловна именка бидејќи не така многу одамна се сеќавате како белосветски нарко-дилери добиваа македонски државјанства и пасоши, како полициски службеници се ‘закачаа’ со пајакот, како се слушаа луѓе, се малтретираа, се упаѓаше дома со униформирани полициски лица, се тепаа граѓани итн.. Сега тоа го нема, а проблемите се решаваат, сторителите на криминални чинови се изведени пред лицето на правдата и затоа СДСМ и ДУИ се плашат од Тошковски и имаат причина зошто да се плашат“,посочи премиерот.

Тој повторно го повика Обвинителството да го истражи случајот со бегството на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани.

„Го повикав Обвинителството веднаш да влезе, да истражи и да излезе во јавноста за да нема вака растурање на пердуви, па сега ние да добиваме прашања, па вака било, така било. Не. Имаме институција, дајте да ги институционализраме работите. Таа институција се вика Јавно обвинителство, јавниот обвинител е избран од мнозинството на СДСМ и ДУИ – значи имаме довера дека не е избран од ВМРО-ДПМНЕ. Еве јас како претседател на Владата го повикувам да влезе и да ги расчисти сите овие работи“,   рече Мицкоски.

Инаку, Рамадани беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија, која го бара поради сомненија за извршени воени злосторства како припадник на ОВК. Рамадани избега додека беше во куќен притвор.





360stepeni

Read Previous

13 пожари изгаснати во Македонија

Read Next

Јаневска: Покачување на платите за наставниците ќе има во март