ноември 23, 2024

Кацарска на онлајн самит, не отпатувала во Бали поради мерки на штедење

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска учествува на четиридневниот Петти конгрес на Светската конференција за уставна правда што започна во вторникот на островот Бали во Индонезија и на кој централна тема е „Ограничување на улогата на уставните судови во одржувањето на мирот”.

Како што соопшти Уставниот суд, со оглед на економската ситуација во земјава и мерките за штедење кои ги спроведува Судот, Кацарска одлучи делегацијата на Уставниот суд да не патува на Бали, поради трошоците кои изнесуваат околу 14 илјади евра, и присуството на Конгресот е заменето со онлајн учество.

На сесиите на Конгресот одделно се дискутира на темите „Основни принципи: Заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото како предуслов за мир“, „Апликации до уставните судови”, „Независноста на уставните судови (преглед)“ и „Базата на податоци на Венецијанската комисија”.

Светската конференција за уставна правда обединува 119 уставни судови и совети и врховни судови во Африка, Америка, Азија, Австралија/Океанија и Европа и има за цел да ја промовира уставната правда, како уставна ревизија, вклучувајќи ја и судската пракса за човекови права, како клучен елемент за демократијата, заштитата на човековите права и владеењето на правото.

Read Previous

Ковачевски во Прага: Солидарноста и соработката се неопходни за да се надмине енергетската криза

Read Next

Маричиќ до Џамбаски: Помалку емоции, а повеќе факти и заеднички активности