ноември 23, 2024

Штрајк на Луфтханза среде летни одмори: Откажани летови, очајни патници

Среде сезоната на летни патувања, синдикатот Верди повика на еднодневен предупредувачки штрајк, кој започна денеска во раните утрински часови и поради кој во Франкфурт се откажани 678 летови, од кои 32 уште вчера, како и 345 летови во Минхен, од кои 15 во вчерашниот ден. Според информациите од авионската компанија, погодени се околу 134.000 патници. Последиците на штрајкот ќе се чувствуваат и во наредните неколку дена, можно е и утре и в петок да дојде до одделни анулирања на летови и доцнење, пренесува Дојче Веле.

На аеродромите, каде и без тоа поради шпицот на патувањата и недостигот од персонал владеат со недели хаотични услови, ситуацијата дополнително се влоши. Многу од патниците, кои се оставени на цедило, немаат разбирање за прекинот на работата на Луфтханза.

Причина за штрајкот е неуспешниот исход на втората рунда тарифни преговори за околу 20.000 вработени како аеродромски персонал во средината на јули. Синдикатот бара повисоки плати за 9,5 проценти и минимална сатница од 13 евра за период од една година. Луфтханза понудила комбинација од фиксно зголемување на платите и компонентна зависна од успешноста на работата на период од 18 месеци.

Извор: ДВ

Read Previous

Мицкоски: Не ја поминавме црвената линија, ЕУ го троши својот кредибилитет

Read Next

Протест на вработените од „Колска“, блокада на пругата Скопје-Гевгелија кај Велес