Дел од Калифорнија е под вонредна состојба поради голем пожар на отворено, кој се шири во националниот парк Јосемити, поради што се евакуирани повеќе од 6 000 лица, а уништени се 10 домови.
Пожарот набргу почнал да се шири откако првично избувнал во петокот, а пожарникарите уште од почеток имале проблеми да ја стават огнената стихија под контрола, пренесе, Би-би-Си.
„Огнот се однесува како експлозив и тоа е голем предизвик за пожарникарите“, се вели во соопштението на противпожарната служба во американската држава Калифорнија.
За време на вонредната состојба, прогласена во регионот Марипоса, државата Калифорнија, може да побара помош и од федералните служби во борбата против пожарот.
Околу 400 пожарникари и четири хеликоптери веќе се испратени оттаму за да го изгаснат огнот, јавуваат тамошните медиуми.
Портпаролката на противпожарната служба, Кал Фајер Наташа Фоутс, изјави дека не се очекува пожарот да биде изгасен до следната недела.
Размерите на овој пожар укажуваат на критичен почеток на сезоната на пожари во Калифорнија, а официјални лица велат дека комбинацијата од суша, климатски промени и голема вегетација, претставуваат голем предизвик и ги зголемуваат шансите за огнот забрзано да се шири.
Силен топлотен бран веќе зафати голем дел од Америка, а конкретно во регионот Марипоса, во саботата се измерени 35,5 степени Целзиусови и се очекува слични температури да се задржат во наредните 10 дена.